
Во засилена полициска контрола спроведена синоќа во Скопје, санкции добиле вкупно 262 возачи, а шест лица биле лишени од слобода поради прекршоци поврзани со безбедноста во сообраќајот.
Контролата била спроведена во периодот од 18 до 1 часот по полноќ, со посебен фокус на мотоциклистите, возачите на мопеди, трицикли и четирицикли. Од вкупниот број изречени мерки, 102 се однесувале на возачи на мопеди и мотоцикли.
Најголем дел од нив, односно 93 санкции, биле изречени поради возење без заштитна кацига. Четворица возачи биле санкционирани затоа што управувале возило со несоодветна категорија, додека петмина биле затекнати зад волан без положен возачки испит.
Полицијата изрекла и уште 160 мерки за други сообраќајни прекршоци, меѓу кои неносење возачка или сообраќајна дозвола, неистакнати регистарски таблички и минување на црвено светло.
Во акцијата бил привремено одземен и еден мотоцикл, бидејќи неговата регистрација била истечена повеќе од шест месеци. Шест лица, пак, биле лишени од слобода согласно член 297-а од Кривичниот законик.

















