
Обвинетиот Стојанче Јовановски е осуден на 12 години затвор за три кривични дела поврзани со случајот во кој животот го загубија Ивана Јовановска и нејзината малолетна ќерка Катја.
Според одлуката на Судот, Јовановски со долготрајно физичко и психичко насилство ја довел оштетената Ивана во тешка и безизлезна состојба, што било оценето како клучен фактор за трагичниот исход. Насилството, како што беше утврдено, траело од 2023 година на повеќе локации, а често се случувало и во присуство на детето. Во текот на тој период, обвинетиот упатувал сериозни закани, меѓу кои дека ќе ја избрка од домот, ќе ја убие и дека ќе ѝ ја одземе ќерката.
На критичниот ден, 2 март, од 11:00 до 12:20 часот, според пресудата, тој ја нападнал Ивана на повеќе места, нанесувајќи ѝ удари и навреди, при што таа во еден момент изгубила свест. По освестувањето, насилството продолжило, придружено со нови закани. Во случајот бил присутен и сведок, кој не успеал да интервенира.
Кривичниот суд во Скопје појасни дека казната е одмерена согласно законските одредби за стек на кривични дела. За трите дела биле изречени максимални поединечни казни, а тоа се пет години затвор за телесни повреди во семејно насилство, три години за загрозување на сигурноста и пет години за наведување и помагање во самоубиство.
Согласно член 44 од Кривичниот законик, судот определил единствена казна која мора да биде повисока од поединечните, но не смее да го надмине збирот од изречените казни, кој во овој случај изнесува 13 години. Затоа, на Јовановски му е изречена единствена казна затвор од 12 години.
Во текот на постапката беа презентирани материјални докази, вклучително аудио и видео снимки, кои според обвинителството го потврдуваат насилното однесување. Обвинителството побара обвинетиот да остане во притвор до правосилноста на пресудата.
















