
Управувањето со моторно возило без возачка дозвола претставува кривично дело, а согласно законските одредби, по наредба на Основното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи има овластување да одземе вакво возило.
Како управување без дозвола се смета кога лицето никогаш не положило возачки испит, кога дозволата му е трајно одземена или кога управува возило во период на важечка забрана за возење.
Во период од нешто повеќе од две недели, односно од стартот на проектот „Сејф Сити“, полицијата на територијата на целата држава одзела вкупно 90 возила.
Според податоците, најмногу одземени возила има на подрачјето на СВР Тетово – 14, по што следуваат СВР Велес со 13 и СВР Битола со 12 возила. По 11 возила се одземени во СВР Струмица и СВР Куманово.
Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека одземањето на возилата се врши по насоки на јавен обвинител, додека понатамошната постапка е во надлежност на обвинителството и судските органи.
Одземените возила во моментов се чуваат во полициски станици, а понатаму ќе бидат преместени на локации што ќе ги утврди обвинителството.























