
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи попладнево во близина на манастирот „Свети Јован Бигорски“ има загинати лица, а регионалниот пат Маврово – Дебар е целосно затворен за сообраќај.
Според информациите од АМСМ, од 18:30 часот сообраќајот е во прекин поради извлекување на патничко моторно возило кое, по сообраќајната несреќа, завршило во водите на реката Радика. Возилото се извлекува со тешка механизација, а интервенцијата сè уште е во тек.
Несреќата била пријавена нешто пред 16 часот, по што на местото веднаш пристигнале полициски службеници од Ростуше, командирот на полициската станица, како и екипа на Територијалната противпожарна единица Гостивар со две возила и четворица пожарникари. Интервенирала и екипа на Итната медицинска помош од Ростуше, информира Центарот за управување со кризи.
Засега нема официјални информации од Министерството за внатрешни работи за причините за несреќата, ниту за точниот број на жртви. Надлежните институции најавуваат повеќе детали по завршување на увидот.



























