
Сè уште нема официјални информации за идентитетот на телото пронајдено кај Зрновци, а надлежните најавуваат дека тој ќе се утврдува преку ДНК анализа.
Според првичните информации, телото било пронајдено во близина на Зрновска река, на локација позната како „Ѓошевски орев“, по што веднаш биле известени полицијата и надлежните институции.
На местото на настанот излегле полициски службеници и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани, кој извршил увид и наредил дополнителни истражни дејствија.
Телото е предадено на обдукција со цел да се утврдат точните причини за смртта, кои засега остануваат непознати. Воедно, ќе се вршат и дополнителни анализи за да се утврди дали постојат елементи на кривично дело.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, телото било во фаза на распаѓање, што дополнително ја отежнува идентификацијата и ја прави ДНК анализата клучна за утврдување на идентитетот.























