
Телма дојде до профилот на осомничениот сериски убиец од кумановско Старо Нагоричане на социјалната мрежа ТикТок, каде бил релативно активен. На него можат да се потврдат дел од информациите кои Телма веќе ги објави, како што е тоа дека се работи за крупен 25-годишник кој се занимава со чување овци, а живеел во Драгоманце.
Тој објавувал и детали од неговиот приватен живот, а на едно од видеата се гледаат и мајката и очувот со кои живеел, но и заедничка фотографија со останатите членови на семејството, односно децата на неговиот очув.
Последното видео кое го закачил е со датум од 9 февруари, ден пред да биде пронајдена последната негова жртва, 78-годишната Мира С. од Старо Нагоричане. По ова тој беше уапсен и ставен во притвор. За неа, пак, обвинителството тврдеше дека е убиена во периодот од 29 јануари до 10 февруари. Точниот ден не се знае, бидејќи таа живеела сама, а нејзините деца во странство.
Во овој период осомничениот бил доста активен на ТикТок, речиси секој ден се снимал, а на едно видео симулирал дека го брка и полиција. Има и неколку видеа на кои наредил банкноти на масата, се фалел со парите, а обвинителството се сомневаше дека ги ограбувал жртвите.























