Две патнички возила попладнево се судрија на скопската обиколница, на потегот помеѓу клучките Мирковци и Приштина. Поради позицијата на возилата, сообраќајот моментално се одвива единствено по лентата за престигнување, информираат од Автомото сојузот на Македонија.
Инцидентот се случил околу 16:15 часот, а од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека две лица се пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза” за укажување медицинска помош.
Од МВР додаваат дека возилата по судирот се задржале во средната лента и во лентата за принудно запирање, што предизвикало значително забавување на сообраќајот на овој дел од автопатот. Полициски екипи се на терен и работат на расчистување на местото и утврдување на причините за несреќата.



























