Европол соопшти дека е разобличена една од најголемите мрежи за измами со криптовалути во Европа, преку која криминалците испрале над 700 милиони евра користејќи сложен систем од крипто-берзи и напредни техники за дигитална анонимност.
По повеќегодишна истрага, минатиот месец беа спроведени координирани полициски акции во повеќе држави. Истражителите утврдиле дека мрежата намамила илјадници жртви преку голем број лажни платформи за тргување со криптовалути, со реклами што лажно гарантирале висок и брз профит.
Откако потенцијалните инвеститори ќе се пријавеле, операторите од кол-центрите користеле техники на социјално инженерство за да ги убедат да вложат сè поголеми износи. На корисниците им биле прикажувани лажни добивки и фиктивни приноси со цел да продолжат да инвестираат, додека нивните средства биле префрлани и перани преку мрежа од различни блокчејн-технологии и меѓународни берзи.
Првата фаза од операцијата се одвиваше на 27 октомври, кога по налог на француските и белгиските власти беа извршени рации во Кипар, Германија и Шпанија. Уапсени се девет лица под сомнение за перење пари, а запленети се средства од неколку милиони евра – 800.000 евра на банкарски сметки, 415.000 евра во криптовалути, 300.000 евра во готово, како и повеќе дигитални уреди и луксузни часовници.
Втората фаза следеше на 25 и 26 ноември и беше насочена кон маркетиншката инфраструктура што ја поддржувала измамата. Во Белгија, Бугарија, Германија и Израел беа изведени нови рации против компании и поединци одговорни за создавање и ширење на лажни рекламни кампањи на социјалните мрежи.
Европол најави дека истрагата продолжува, со цел целосно да се демонтира криминалната структура и да се идентификуваат сите инволвирани лица.



























