УТРО.мк

Со специјален уред краделе струја: Откриена измама тешка 2,7 милиони денари

Со специјален уред краделе струја: Откриена измама тешка 2,7 милиони денари
Vero

Казино во Кичево било откриено како неовластено користи електрична енергија со помош на специјален уред за манипулација со електричните броила. Според информациите од Електродистрибуција, пресметаниот надомест на штета изнесува 2.722.798 денари, односно приближно 44.300 евра.

Неправилностите биле откриени во казино на улицата „Магистрален пат“, откако претходните анализи на потрошувачката покажале сомнителни отстапувања во користењето на електричната енергија.

По континуираното следење на потрошувачката, специјализиран тим на Електродистрибуција извршил теренска контрола, при што биле утврдени сериозни неправилности во работењето на мерните уреди.

Необично зуење ја открило манипулацијата

За време на контролата, екипите забележале невообичаено однесување на електричните броила, придружено со силно зуење во ормарот во кој биле поставени мерните уреди.

Дополнителните мерења покажале фреквенции од 225 до 340 херци, што претставува значително отстапување од стандардните 50 херци.

Понатамошната проверка покажала дека во објектот бил користен специјален уред за манипулација со фреквенциите, за кој од Електродистрибуција наведуваат дека бил набавен на црниот пазар.

Со помош на овој уред се влијаело врз работата на две електрични броила, поради што реалната потрошувачка на електрична енергија можела делумно или целосно да остане нерегистрирана.

На ваков начин се избегнувало правилното евидентирање и наплата на потрошената електрична енергија.

Поднесена пријава до МВР, пресметана штета од 2,7 милиони денари

По утврдувањето на неправилностите, надлежните екипи составиле службен записник за неовластено користење електрична енергија.

Случајот бил пријавен во Министерството за внатрешни работи, согласно член 235-а од Кривичниот законик, кој се однесува на неовластено преземање електрична енергија.

Истовремено, за двете мерни места биле изготвени посебни фактури за надомест на штетата.

Вкупниот износ на фактурите достигнува 2.722.798 денари, што е еквивалент на околу 44.300 евра.

Од Електродистрибуција посочуваат дека случајот бил откриен благодарение на деталното анализирање на потрошувачката и контролните активности на специјализираните екипи.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран