
МВР расчисти три кривични дела „измама“ и едно дело „измама во обид“, при што е уапсена А.Ј. (23) од Скопје, осомничена дека преку социјални мрежи објавувала лажни огласи за издавање станови под наем во Тетово.
Според информациите од полицијата, откако ќе постигнела договор со оштетените лица, осомничената телефонски ги убедувала да извршат уплата на пари на нејзина сметка во банка или парите да ги испратат во коверт преку возач на автобус до Скопје. На овој начин таа стекнала противправна имотна корист.
Дополнително, А.Ј. измамила и едно лице кое уплатило пари за резервација на хотелско сместување во Охрид, кое никогаш не било обезбедено.
Во еден од случаите, по пријава на оштетено лице од Тетово, полициските службеници од СВР Тетово, во координација со Единицата за економски криминал, организирале контролирана испорака, при што преку возач на автобус било испратено празно плико. Откако осомничената дошла да го подигне пликото, таа била лишена од слобода.



























