Полицијата поднесе кривична пријава против двајца инспектори од СВР Тетово за сторено кривично дело „попречување на правдата“. Според информациите од МВР, пријавата е поднесена против Џ.Н., виш инспектор за недозволена трговија со оружје, и против О.С., самостоен инспектор за недозволена трговија со дрога.
Сомнежите се дека Џ.Н. овозможил на О.С., кој е родител на едно од лицата лишени од слобода во предмет за недозволена трговија со дрога, да има целосен пристап до службената документација, да придружува осомничени и да учествува во разговорите со нив. Дополнително, О.С. имал пристап до мобилен телефон од едно од лишените лица и го избришал и уништил материјалот важен за истрагата.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди најави дека ќе поднесе предлог за поведување на дисциплинска постапка против двајцата инспектори, вклучително и задолжителна мерка за отстранување од работното место.
Извор: fokus.mk