Бојан Јовановски, познат како Боки 13, е осуден на пет години затвор во повторената постапка за случајот „Меѓународен сојуз“, во кој беше обвинет за измама и перење пари. Тој денеска не се појави во судницата за да ја слушне пресудата.
Според одлуката на судот, Јовановски доби три години затвор за измама и уште три години за перење пари, со што му е изречена единечна казна од пет години.
Обвинетата Јасна Ерцеговиќ е осудена на две години затвор, додека Христина Блажевска и таткото на Бојан Јовановски добија условни казни, сите за помагање при перење пари.
Во обвинението се наведува дека преку наводен проект за изградба на старски домови, Јовановски измамил двајца бизнисмени, меѓу кои и покојниот Силјан Мицевски. Со парите што нивните фирми ги уплатиле, тој финансирал телевизијата „1ТВ“ и невладината организација „Меѓународен сојуз“, како и лични набавки.
Ова е втора пресуда за предметот кој започна во 2020 година. Првично, Јовановски беше осуден на девет години затвор, но Апелациониот суд го врати случајот на повторно судење.
Бојан Јовановски веќе издржуваше казна затвор за случајот „Рекет“, каде што беше осуден на девет години, а подоцна казната му беше намалена на пет поради здравствени причини.