
Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Како што се посочува во соопштението на Обвинителството, осомничениот 31-годишник, кој бил инаку вработен во образовна установа, во периодот од април 2024 година до 01.04.2026 година на компјутерските уреди и опрема кои ги користел дома, набавувал за себе и поседувал материјали со детска порнографија.
“Постапката е резултат на предистражни дејствија на јавното обвинителство во координација со СВР Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика Скопје кои произлегоа по известување од австралиската федерална полиција која пред извесен период спровела акција за откривање на веб страници одговорни за дистрибуција на слики и видеа кои содржат материјали од злоупотреба на деца“, се наведува во соопштението.
Австралиските служби спровеле операција за откривање на корисниците на ИП адреси кои се обиделе да пристапат до една или повеќе од веб-страниците, при што биле идентификувани повеќе уникатни регистрирани корисници, нивните електронски и ІР адреси од кои дел во Р.С. Македонија, за што било испратено известување и до македонските истражни органи.null
„Се преземаат дејствија на проверки и во Скопје и други градови, со цел детална проверка на сите добиени сознанија. За осомничениот битолчанец до Основниот суд во Битола доставен е предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.























