Постапувајќи по кривична пријава на МВР, Јавното обвинителство отвори истрага против 15 лица осомничени за тешки кривични дела поврзани со нелегална сеча на шуми во Малешевскиот регион. Осомничените се товарат за „Злосторничко здружување“ и „Пустошење на шуми“, а дел од нив и за „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Давање поткуп“ и „Примање поткуп“.
Истрагата опфаќа полициски службеници, вработени во државни институции и претпријатија, како и невработени лица, кои во текот на 2025 година формирале криминална група за противправна имотна корист. Според обвинителството, тие уништиле 6.000 хектари шума и нелегално исекле 1.500.000 метри кубни дрвна маса во вредност од над 6,4 милијарди денари.
Организаторите на групата ја продавале дрвната маса како легално исечена, со поддршка на полициски службеници кои им дојавувале информации за патроли и не преземале мерки. Директорот на ЈП Национални шуми – ПО Малешево и началникот на ОВР Делчево, според наводите, активно прикривале докази и овозможувале продолжување на криминалното дејствување.
Во август и септември 2025 година, првоосомничениот на директорот на ЈП Национални шуми му исплатил поткуп од 6.100 евра за да дозволи нелегална сеча, дури и пред официјалниот јавен повик за опожарена дрвна маса.
Дел од групата бил фатен на лице место во атарот на село Двориште, откако полицијата добила информации за нелегалната активност.
Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување притвор за сите 15 осомничени.