
72-годишен гостиварец пријавил можна злоупотреба на лични податоци, откако открил дека на негово име биле евидентирани добивки од игри на среќа кои, како што тврди, никогаш не ги остварил.
Случајот бил пријавен на 20 јануари 2026 година во ОВР Гостивар. Непријатното изненадување го дочекало при редовна постапка во Управата за јавни приходи, каде при вадење уверение за остварен доход, пензионерот забележал дека во неговото досие за 2024 година се водат приходи од игри на среќа во висина од 74.294 денари.
Според неговото сведочење, овие средства никогаш не му биле исплатени, ниту пак тој учествувал во игри на среќа. Напротив, тој изразил сомнеж дека неговите лични податоци од личната карта биле злоупотребени од страна на вработени во спортска обложувалница, кои наводно ги користеле за исплата на добивки на трети лица.
Дополнителна тежина на случајот му дава и фактот што фиктивно прикажаните приходи имале реални последици по него — поради пријавените добивки, тој се соочил со финансиски намалувања на неговата пензија што ја прима од Италија.



























