Почетокот на судскиот процес против Раде Трајковски – Штекли и уште девет лица обвинети за организирана трговија со дрога е одложен за 7 август, откако обвинетиот Трајковски утринава бил хоспитализиран поради сериозни здравствени проблеми.
Судијата Илија Трпков информираше дека Трајковски бил неконтактибилен и дезориентиран, при што била повикана итна медицинска помош и тој требало веднаш да биде префрлен во Клиничкиот центар. Исти симптоми, според судијата, обвинетиот ги имал и претходниот ден.
Иако рочиштето првично беше одложено за по 11 часот, од затворот информирале дека Трајковски сè уште не бил пренесен во болница поради чекање на асистенција од Министерството за внатрешни работи. „Судот не може да чека цел ден обвинетиот да биде однесен на лекар. Судењето се одложува за 7 август“, изјави судијата Трпков.
По одложувањето, обвинителката Верица Бержецка Крстева соопшти дека Штекли во меѓувреме доставил психијатриско мислење во кое се наведува дека не е ментално способен да ги следи судските постапки. Јавното обвинителство ќе побара дополнително психијатриско вештачење и подготвително рочиште за соочување на мислењата.
Станува збор за предмет што го води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое поднесе обвинение против вкупно 10 лица, осомничени за трговија со дрога, главно во скопската населба Аеродром. Според обвинителниот акт, групата била високо организирана, со прецизна распределба на улогите – од набавка до улична продажба на кокаин и марихуана.
Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цена од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и од 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата меѓу членовите се одвивала преку апликацијата Снепчет, а клучни докази биле обезбедени преку системот за анализа на телефони „Селебрити“, донација од САД.
Истрагата траеше речиси една година и вклучуваше посебни истражни мерки. Првично беа опфатени 16 лица, но седум од нив склучија спогодби со обвинителството и добија затворски казни од три до три и пол години.