
23-годишно момче од тетовското село Сараќино пронајдено мртво во Австрија, а бил пријавен за исчезнат од понеделникот. Неговото тело е пронајдено синоќа во езерото Факер (Faaker See), по интензивна потрага на австриските служби.
Поради неразјаснетите околности на смртта, надлежните органи наредиле обдукција.
Според австриските медиуми, во четврток вечерта била спроведена голема спасувачка операција откако на брегот на езерото биле пронајдени лични предмети на исчезнатото лице. Веднаш потоа во потрагата се вклучиле полицијата, пожарникарите и службите за спасување на вода, како и полициски хеликоптер.
Во операцијата учествувале и 12 нуркачи за спасување на вода и двајца професионални нуркачи од противпожарната служба во Клагенфурт. Биле распоредени и повеќе чамци, а крајбрежјето било блокирано и евакуирано.
Потрагата била прекината околу 20 часот, кога нуркачите по околу 40 минути пребарување го пронашле телото на 23-годишникот на дното на езерото.
Починатиот живеел во Фаак ам Зе и таму управувал кафе-бар. Последен пат бил виден во Дроболах во понеделник во 17 часот, по што семејството пријавило исчезнување.
Извор СкопјеИнфо.мк















