
Големи застои и километарски колони се забележани на граничните премини Евзони и Кипи, откако новиот европски систем за влез и излез (ЕЕС) почна да се применува и предизвика значително забавување на протокот на патници и возила.
Грчките власти реагираа со најавa за пакет итни мерки со цел да се намалат гужвите и да се олесни преминувањето на границите, особено во периодот на зголемен туристички сообраќај.
Одлуката е донесена на вонреден состанок во Солун, на кој учествувале претставници на безбедносните служби и локалните институции. Според надлежните, новиот систем кој вклучува биометриска проверка на патниците значително го забавува процесот на контрола.
Грчкото Министерство за внатрешни работи најави зајакнување на информатичките системи и воведување привремени технички решенија за побрза обработка на податоците на граничните премини.
Во меѓувреме, одговорните институции признаваат дека покрај новите правила, проблем дополнително создава и застарената инфраструктура на одредени гранични премини, што доведува до уште поголеми задржувања во екот на туристичката сезона.















