Полициски службеник се повредил во ногата при интервенција за спречување на криумчарење на жив добиток во близина на граничната линија со Албанија, кај селото Спас, во дебарскиот регион.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 10 октомври 2025 година околу 22 часот, кога полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Блато забележале неколку лица кои се обидувале да пренесат добиток преку границата.
При обид да ги запрат, еден од полициските службеници испукал неколку предупредувачки куршуми во воздух, по што осомничените побегнале и го оставиле добитокот. Во моментот кога полицискиот службеник го враќал службениот пиштол во футролата, по несреќен случај се самоповредил во ногата.
Од МВР соопштија дека е извршен увид на местото на настанот и дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.