Основното јавно обвинителство Скопје нареди спроведување истражна постапка против лице од Русија, со престој во Босна и Херцеговина, поради основано сомнение дека во Македонија извршило кривично дело изнуда.
Како што соопшти Обвинителството, во периодот од јули лани до 9 октомври годинава, осомничениот со сериозни закани по животот на оштетеното лице успеал да изнуди 20.000 евра. Во описот на делото се наведува дека тој повеќепати му се заканувал дека доколку не го врати наводниот долг кон лице од Босна и Херцеговина, во вкупен износ од 300.000 евра, ќе му ја загрози безбедноста нему и на неговото семејство.
Осомничениот остварил повеќе средби со оштетениот, а на последната средба на 9 октомври 2025 година, од него зел 20.000 евра, по што бил лишен од слобода.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и оштетениот, како и ризик да го повтори делото, јавниот обвинител предложил судот да му одреди мерка притвор.