Тројца државјани на Албанија се приведени синоќа на магистралниот пат Струга–Ќафасан, откако биле затекнати во возило со кое нелегално влегле на територијата на Македонија. Кај еден од нив била пронајдена и дрога.
Според информациите од СВР Охрид, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Франгово“ ги лишиле од слобода Л.М. (26), Е.К. (28) и 16-годишен малолетник, сите од Албанија. Тројцата се движеле со патничко возило „Фолксваген Туран“ со албански регистарски таблички, сопственост на Л.М.
– При извршената контрола е утврдено дека Е.К. и малолетникот нелегално ја преминале државната граница од Албанија кон Македонија, а при преглед кај Е.К. е пронајдена марихуана. Лицата веднаш се приведени, а со малолетникот разговор извршија адвокат за малолетници и претставник од Центарот за социјални работи во Струга – изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Од полицијата информираат дека по целосно документирање на случајот, против тројцата приведени ќе бидат поднесени соодветни пријави.