
Скопје вчера беше потресено од трагедија во населбата Карпош, каде што мајка и нејзиното малолетно дете загинаа скокајќи од висококатница. Случајот веднаш беше преземен од Основното јавно обвинителство Скопје, кое издаде наредби и насоки за целосно расчистување на настанот.
Според информации од обвинителството, едно лице е задржано во полициска станица, а се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност. Веднаш по наредбата на јавниот обвинител, обезбедена е судска наредба за претрес на станот, кој беше запечатен и обезбеден, а денеска се очекува да се изврши детален увид. Првичните сознанија укажуваат дека во моментот на трагедијата мајката и малолетното девојче биле сами, заклучени од внатрешната страна на станот.
Истражителите, под водство на јавниот обвинител, денеска спроведуваат распити на повеќе лица кои можат да дадат информации за настанот. Исто така, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и обезбедување снимки од видео надзор од околните локации.























