Основното јавно обвинителство во Прилеп отвори обемна истрага против 25 физички и 7 правни лица, осомничени за серија злоупотреби во постапките за јавни набавки во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп.
Според обвинителството, осомничените, меѓу кои поранешната директорка, раководители и повеќе вработени во болницата, заедно со управители на приватни компании, преку фиктивни или нерегуларни набавки извлекле значителна имотна корист и ја оштетиле установата за речиси 43 милиони денари.
Предметот е покренат по кривична пријава на Управата за финансиска полиција, а делата што им се ставаат на товар се „злоупотреба на постапката за јавен повик“, „доделување на договор за јавна набавка“, „проневера во службата“, како и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Истрагата опфаќа сомнителни тендери за сервисирање возила, реконструкција на инфективното одделение, услуги за чистење и физичко обезбедување, преку кои, според Државниот завод за ревизија, е предизвикана сериозна финансиска штета.
Обвинителството побара притвор за шест лица, додека за останатите 19 се предложени мерки на претпазливост.
Паралелно, против уште девет лица ќе се води постапка во скратена форма, поради нивната улога во спроведувањето на незаконските активности.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста, а надлежните најавуваат дека ќе продолжат со проверка на сите сомнителни јавни набавки во здравствените установи во земјата.































