Рускиот претседател Владимир Путин најави дека Русија ќе се справува со демографските предизвици преку јакнење на семејните вредности, без да се потпира на масовна миграција, како што прават некои други земји.
На седницата на владиниот совет за демографска и семејна политика, Путин истакна дека падот на наталитетот е глобален проблем кој го засега Русија и остатокот од светот. Тој предупреди дека неконтролираната миграција го загрозува националниот идентитет, културата и политичката стабилност.
Рускиот лидер нагласи дека целта е поддршка на семејствата и промовирање на големи семејства со минимум три деца како нормална и престижна практика. Путин најави продолжување на постојните програми, како „мајчин капитал“, поволни кредити и олеснувања за семејства со ниски примања, како и нови поддршки, вклучувајќи даночни олеснувања за семејства со две или повеќе деца.
Путин исто така нагласи дека Русија ќе ја олесни миграцијата само за оние кои ги споделуваат традиционалните вредности и не се согласуваат со „деструктивната неолиберална идеологија“ во своите земји. Податоците од 2024 година покажуваат најниска стапка на наталитет во Русија од 1999 година.































