Во Измир, Турција, се одржа нов круг разговори меѓу Грција и Турција за мерките за градење доверба, соопшти грчкото Министерство за национална одбрана. Средбата беше оценета како позитивна, а следниот круг на разговори ќе се одржи во Грција.
Двете страни направија детален преглед на претходно договорените мерки за 2025 година и дискутираа за рамката за нивна примена во 2026 година. Грчката делегација ја предводеше амбасадорот Теохарис Лалакос, додека турската делегација ја водеше заменик-министерот за надворешни работи Мехмет Кемал Бозај. Во разговорите учествуваа и амбасадори, високи воени офицери и други функционери од двете земји.
Претходниот круг разговори се одржа на крајот на април годинава во Солун, каде што исто така беа дискутирани мерки за зајакнување на довербата меѓу двете земји.































