
Инцидент се случил на детски фудбалски натпревар во Тетово, каде што неколку лица се обиделе да нападнат играчи од една од екипите. Случајот бил пријавен во СВР Тетово на 27 февруари во 16:30 часот од двајца 47-годишни тетовци, од кои едниот е тренер на детски фудбалски клуб.
Според пријавата, инцидентот се случил на стадион во Тетово за време на натпревар меѓу екипите Дарданија и Фит-кид, кога група лица се обидела физички да нападне млади фудбалери од тимот на Фит-кид.
Полицијата интервенирала на лице место, при што од слобода бил лишен Х.М. (48) од Тетово, кој покрај инцидентот ги омаловажувал и полициските службеници.
Од СВР Тетово информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста на сите инволвирани лица.























