
Локален бар во италијанската Перуџа се претвори во сцена на насилство кога банална расправија ескалираше во вистинска пресметка. Според полицијата, конфликтот избувнал меѓу група македонски и албански иселеници и траел само неколку минути – доволно за да остави тешки последици.
Сè започнало поради фотографија направена со мобилен телефон, која предизвикала вербален конфликт. Но, зборовите брзо се претвориле во насилство: учесниците излегле на улица со маси, столици и дрвени палки долги над 60 сантиметри. Во тепачката се вмешале и неколку романски државјани.
Насилството добило драматичен пресврт кога двајца од учесниците се обиделе да побегнат со автомобил и со голема брзина удриле 27-годишен македонски државјанин. Младиот човек е хоспитализиран со тешки фрактури на двете нозе и ќе остане под медицинска нега најмалку 30 дена. Полицијата сè уште трага по возачот и неговиот сопатник, од кои едниот е малолетник.
Акцијата на карабиниерите и полицајците, кои реагирале по повикот на 112, довела до апсење на 11 лица на возраст од 19 до 31 година. Кај еден од приведените била пронајдена дрога, а друг се обидел да сокрие докази, скривајќи клучеви од возило во саксија.



























