
Еден пожарникар е повреден за време на интервенција на пожар во скопското село Визбегово, откако дошло до ненадејна експлозија додека се гаснела дива депонија и сува вегетација, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според информациите од надлежните служби, повредениот припадник на Бригадата за противпожарна заштита – Скопје веднаш бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош.
Од ЦУК соопштија дека неговата здравствена состојба е стабилна и дека не е во животна опасност. Пожарникарот се здобил со повреди на ногата и увото.
Причините за експлозијата засега не се официјално утврдени. Според првичните проценки, можно е да експлодирала боца под притисок која се наоѓала на местото на пожарот.
Надлежните служби работат на утврдување на точните околности под кои се случил инцидентот.
















