
Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати остро предупредување до белорускиот лидер Александар Лукашенко, барајќи од него да ја отстрани телекомуникациската и релејната опрема што, според Киев, Русија ја користи за изведување напади врз Украина.
На прес-конференција во Киев, Зеленски изјави дека Белорусија има доволно време да ги преземе потребните чекори и да ја исклучи опремата што се наоѓа во регионите долж украинската граница.
Според него, во две белоруски области се поставени релејни станици преку кои руските сили пренесуваат сигнали и ги координираат нападите врз украински цели.
„Ако навистина не сака да учествува во војната, тогаш треба да ја отстрани таа опрема. Една недела е повеќе од доволна за тоа“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека доколку Минск не постапи во тој рок, Украина ќе преземе сопствени мерки, без да открие какви би биле тие активности.
Во изминатиот период украинскиот претседател неколкупати предупреди дека Москва се обидува дополнително да ја вклучи Белорусија во конфликтот. Руските сили ја користат белоруската територија за воени операции уште од почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.
















