
Дванаесетгодишно момче од Скопје е повредено со остар предмет во инцидент што се случил вчера попладне на подрачјето на Шуто Оризари, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според полицискиот билтен, во 14:53 часот во СВР Скопје од ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од остар предмет бил донесен 12-годишник од Скопје.
Според пријавеното, повредите му ги нанел друг малолетник истиот ден околу 13:00 часот на подрачјето на Шуто Оризари.
Во врска со истиот случај, синоќа во 23:55 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, 36-годишен скопјанец пријавил дека и неговиот малолетен син бил физички нападнат од четворица малолетници, при што еден од нив му нанел повреда со остар предмет.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

















