Најмалку девет лица загинаа, а повеќе од 30 беа повредени во експлозија што вчера ја погоди полициската станица Новгам во индискиот дел на Кашмир. Меѓу загинатите има полицајци, форензички експерти, административни службеници и цивили. Спасувачките тимови продолжуваат со пребарување на урнатините, бидејќи неколку повредени се во критична состојба, а дел од лицата сè уште се водат како исчезнати.
Експлозијата се случила за време на вадење примероци од запленети експлозиви, дел од истрагата против терористичка група од Фаридабад. Во зградата биле складирани околу 350 килограми експлозив, донесени како доказен материјал. Меѓу повредените се 27 полицајци, двајца административни службеници и три цивили. Заменик-комесарот на Сринагар, Акшај Лабра, ги посети повредените во болницата, додека безбедносните екипи продолжуваат со обезбедување на областа и пребарување на комплексот со кучиња трагачи.
Генералниот директор на полицијата во Џаму и Кашмир, Налин Прабхат, ја оцени експлозијата како „несреќен случај“ и ги отфрли тврдењата на PAFF, организација поврзана со Џаиш-е-Мухамед, дека ја презеле одговорноста. Истражителите утврдија дека експлозивот бил пронајден во куќа изнајмена од докторот Музамил Шакил Ганаи во Фаридабад, каде што се уапсени осум лица.
При истрагата биле пронајдени и големи количества хемикалии — амониум нитрат, калиум нитрат и сулфур — како и дополнителни 2.900 килограми материјали поврзани со друг осомничен од Пулвама. Уапсен е и Адил Ратер, брат на еден од осомничените, кај кого била пронајдена автоматска пушка АК-56.























