
Одделението за внатрешни работи Кочани, во координација со Основното јавно обвинителство Кочани, спроведе акција во која привремено се одземени шест патнички возила и еден стан од Александар Лазаров, познат во јавноста како Цуна, поради сомнение дека дел од имотот е стекнат со средства од криминална активност.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, по претходно преземени оперативни мерки биле обезбедени докази кои, покрај сомнението за сторено кривично дело по член 215 став 1 од Кривичниот законик, укажуваат и дека осомничениот располага со значителен движен и недвижен имот за кој постои сомнение дека потекнува од нелегални активности.
Врз основа на доставените докази, Основниот суд во Кочани донел решение за определување привремени мерки за обезбедување на имотот. Со мерката се опфатени шест патнички возила и еден стан.
Меѓу привремено одземените возила се наоѓаат џип „Порше“, како и возила од марките „Фолксваген“, „Ауди“, „БМВ“ и „Пасат“.
Од ОВР Кочани информираат дека истрагата продолжува и дека ќе се преземаат дополнителни мерки со цел целосно утврдување на законитоста на стекнувањето на имотот и неговото потекло.

















