Вучиќ: Хрватска, Албанија и Косово прават воен сојуз против Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ обвини дека Хрватска, Албанија и Косово создаваат воен сојуз насочен кон Србија, но нагласи дека српската армија е доволно силна за да одврати секоја можна закана.
„Не случајно Приштина, Загреб и Тирана формираа сојуз. Не го правеле поради Австрија или Унгарија, туку поради Србија. Немојте да не терате да се правиме глупави – не сме имбецили“, изјави Вучиќ пред новинарите во Пекинг, пренесе агенцијата Бета.
Иако не наведе конкретен сојуз, најверојатно се мисли на декларацијата за одбранбена соработка потпишана во март од Хрватска, Албанија и Косово. Во документот стои дека целта е стабилност во регионот и зајакнување на евроатлантската интеграција.
Вучиќ порача дека Србија никого не загрозува, туку ја зајакнува својата војска за да го брани територијалниот интегритет. Тој најави и воена парада на 20 септември, со „новитети што ќе изненадат многумина“, додавајќи дека Армијата на Србија е „фактор на одвраќање за секој агресор“.
Според него, критики ќе следуваат поради парадата, како што и хрватските медиуми го обвинија дека „ѕвечка со оружје“. Вучиќ истакна дека неодамна и Хрватска организираше воено дефиле по повод 30-годишнината од операцијата „Олуја“.
Српскиот претседател во Пекинг присуствуваше на воена парада по повод 80 години од крајот на Втората светска војна.