Островските власти на грчкиот остров Хиос прогласија вонредна состојба поради големите пожари што беснеат на територијата на островот, овозможувајќи централизирана координација на операциите за гаснење и мобилизација на специјални единици од копнениот дел на Грција.
Досега се евакуирани 17 села, како и центар за прием на мигранти. Стотици луѓе се префрлени на безбедни локации, а според најновите извештаи, туристите во моментов не се во непосредна опасност.
Силните ветрови продолжуваат да ги разгоруваат пламените јазици и значително ја отежнуваат работата на пожарникарите, јавуваат грчките медиуми.
Локалните власти соопштија дека во акцијата се вклучени речиси 200 пожарникари со 38 противпожарни возила, како и неколку хеликоптери и авиони. Дополнителни сили пристигнаа на островот со бродови од копното за да помогнат во справувањето со огнената стихија.
Официјалните лица предупредуваат дека опасноста сè уште не е помината и апелираат за претпазливост и строго почитување на евакуациските насоки.