Словенечките вооружени сили денес започнаа тридневна вежба наречена „Есен 2025“ во воздухопловната база Церкље на Крка, во рамки на која ќе го усогласуваат својот оперативен план со регионалните планови на НАТО, соопшти Министерството за одбрана на земјата.
Во соопштението се наведува дека вежбата ќе биде фокусирана на процедурите за зголемување на воените капацитети, мобилизација и поддршка на земјата-домаќин во можни кризни услови, пренесува агенцијата СТА.
Вежбата е усогласена со новиот модел на сили на НАТО, одобрен на самитот во Мадрид во 2022 година, кој е осмислен за зајакнување на одвраќањето, одбраната, управувањето со кризи и кооперативната безбедност.
Словенечките единици се дел од овие сили, кои имаат способност за брзо распоредување во различни мисии. Дел од нивниот контингент моментално е стациониран во Летонија и Словачка.
Во текот на неделата, припадниците на словенечката војска ќе одржат и вежба наречена „Пајажина мрежа“, во рамки на интегрираниот систем на НАТО за противвоздушна и ракетна одбрана. Целта е идентификација и пријавување на нарушувања на воздушниот простор и реагирање на напади со дронови.
Министерството најави дека наскоро ќе се одржи и вежбата „Залив 2025“ во словенечките територијални води, со учество на 430. команда на поморската дивизија и патролниот брод „Анкаран“.























