Контроверзен момент на плажа во Омиш: Жена од странство се сончала топлес, родителите бурно реагирале
Сцена што за некои изгледа сосема вообичаено, а за други — шокантна и непристојна, предизвика лавина реакции на една од најпосетените градски плажи во Омиш, Хрватска. Туристка решила да се сонча топлес, што наиде на остри реакции од дел од посетителите, особено од родителите со мали деца.
Како што пренесува RTL, некои од присутните дури побарале интервенција од спасувачите, сметајќи дека таквото однесување е „непримерно“ и „недозволиво“ на јавна плажа на која има деца од сите возрасти.
„Овде има деца од сите возрасти, ова е срамота“, изјавила една мајка за телевизијата. Други посетители биле подготвени на поумерени ставови:
„Лично не би се сончала топлес, но не сум против тоа. Секој има право на свое мислење“, вели една жена. Друг додава: „Кога има мали деца и постари луѓе, можеби не е најпаметно, но не е тоа нешто толку страшно“.
Интересна е и реакцијата на една странска туристка (не таа што се сончала топлес), која истакнала дека, иако е 21. век, не треба таквото однесување да стане нормално. Спротивно на тоа, друга жена, исто така туристка, порачала дека нема ништо против, бидејќи секој треба да се чувствува слободно на одмор.
Свој коментар дал и Бојан од Скопје:
„Апсолутно сум за. Кога станува збор за топлес, луѓето треба да се чувствуваат слободно. На одмор се.“
Иако сцената не претставува законски прекршок, родителите со деца изразиле незадоволство и апелирале на поголема свесност и обѕирност. Според хрватскиот Закон за поморско добро, секој има право на слободен пристап до море и јавни плажи. Дури и кога плажата ја одржува приватен концесионер, тој нема надлежност да регулира дали некој ќе биде во костим за капење или топлес.
Во Омиш не постојат никакви рестрикции за топлес сончање, ниту пак казни. За разлика од тоа, во некои други хрватски градови — како Пула — повремено се најавуваат забрани за алкохол и топлес со можни казни до 1.300 евра, но засега, ваквите ограничувања не важат на јадранските плажи во Омиш.