Бугарската влада има рок до 21 ноември да одлучи за иднината на рафинеријата Лукоил Нефтохим во Бургас, изјави премиерот Росен Жељазков пред самитот на лидерите на Европската Унија во Брисел. Крајниот рок е поврзан со американските санкции против руски енергетски компании, вклучувајќи ги Роснефт и Лукоил, наведува порталот Новините.
Жељазков појасни дека санкциите нема веднаш да влијаат врз производството или снабдувањето со нафтени деривати во Бугарија, но предупреди дека рафинеријата, со повеќе од 50% руска сопственост, технички е под режим на санкции. Според општата лиценца на Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (OFAC), потребните трансакции можат да се извршат до крајниот рок, што ѝ дава на Софија еден месец за одлука за понатамошни дејствија.
Бугарската национална банка (BNB) соопшти дека ја проценува можната изложеност на домашниот финансиски систем на ефектите од американските санкции. Засега, според БНБ, не се идентификувани кредитни ризици кои би ја загрозиле финансиската стабилност. Банките ги оценуваат односите со засегнатите клиенти во согласност со европските и националните прописи, со постојана координација со Министерството за финансии и меѓународните институции.































