
Румен Радев на средбата со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Бугарија ја истакнал улогата на православната вера во зачувувањето на моралните вредности и во обединувањето на општеството.
„Православната вера ги издигнува моралните вредности и го обединува нашето општество во свет на поделби и спротивставувања“, изјавил Радев.
Тој посочил дека во време на искушенија е важно враќањето кон духовните корени, како и поголема смиреност и отвореност меѓу луѓето. Изразил очекување дека посетата ќе ја зајакне соработката меѓу Бугарската православна црква и Вселенската патријаршија и ќе биде поддршка за верниците.
„Ги цениме Вашите напори да бидете глас на разумот и мудроста и да повикувате на мир“, му порачал Радев на Вартоломеј.
На средбата присуствувале и бугарскиот патријарх Даниил, Иво Христов, претставници на Вселенската патријаршија и архиереи на Бугарската православна црква.
Во разговорот била нагласена важноста на културниот дијалог, духовните вредности и одговорноста на институциите за иднината на следните генерации. Вартоломеј упатил покана до Радев да ја посети Вселенската патријаршија.
Според пренесениот текст, Радев се заблагодарил и за благословот на Вартоломеј за пренесувањето на посмртните останки на цар Самоил од Грција во Бугарија, претставувајќи го тоа како чин на добрососедство.
„Покажавме дека две држави можат да ги остават зад себе противречностите од минатото и да се претворат во стратешка оска на просперитетот на Балканот“, навел Радев.
Тој му честитал на Вартоломеј и за 35-годишнината од неговото устоличување на чело на Вселенската патријаршија.























