
Ставот на Владата е писмениот дел од правосудниот испит да се полага на јазикот на кој кандидатот го завршил високото образование, а усниот дел да се одвива на македонски јазик, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој одговараше на новинарско прашање за барањата на студентите за полагање на правосудниот испит на албански јазик и нивните реакции на понуденото решение, по промоцијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила.
Мицкоски нагласи дека правото на високо образование на мајчин јазик не е спорно, но дека треба да се прави разлика меѓу студирањето и функционирањето на правосудниот систем.
„Правосудниот систем во Македонија е едно, а правото да се завршува високото образование на мајчин јазик е друго. Никој не го спори правото да се заврши високо образование на јазик на којшто државата го овозможила“, рече премиерот.
Тој посочи дека на правните факултети во земјава наставата се одвива и на три јазици различни од македонскиот. Поради тоа, според него, логично е писмениот дел од испитот да се полага на јазикот на кој кандидатите студирале.
За усниот дел, во кој се симулираат граѓански и кривичен спор, Мицкоски смета дека треба да се користи македонскиот јазик, бидејќи станува збор за симулација на постапување пред правосудните органи.
Премиерот се повика на принципот на заеднички јазик, односно „лингва франка“, и на препораката на Венециската комисија во врска со Законот за употреба на јазиците.
„Правосудниот систем во Македонија останува франка лингва, односно македонскиот јазик е официјалниот“, изјави Мицкоски, образложувајќи го владиниот став.























