
Бугарскиот претседател Румен Радев ја регистрираше коалицијата „Прогресивна Бугарија“ во Централната изборна комисија за учество на парламентарните избори закажани за 19 април, јавуваат медиумите од Бугарија.
Коалицијата е претставена од Галаб Донев и Димитар Стојанов, а ја сочинуваат три политички субјекти – „Социјалдемократи“, „Социјалдемократска партија“ и „Движење на нашиот народ“.
Партијата „Социјалдемократи“ постои од 2000 година и ја предводи Елена Нонева, додека Социјалдемократската партија е основана во 1992 година, со лидер Тодор Барболов. „Движење на нашиот народ“, пак, се залага за развој на демократијата, пазарната економија и локалната самоуправа, а на негово чело е Атанас Калчев.
Во објава на социјалните мрежи, Радев истакна дека „Прогресивна Бугарија“ има за цел да одговори на очекувањата на граѓаните за надминување на коруптивните практики и изградба на модерна, демократска и европска држава.























