Претседателот на Бугарија, Румен Радев, по средбата со својот унгарски колега Тамаш Сујок, изјави дека ја повикал унгарската страна да ја искористи својата блискост со Македонија за да ја убеди дека уставните измени и европскиот консензус се неопходни услови за напредок кон Европската унија.
„Разговаравме за ситуацијата во Западен Балкан и проширувањето на ЕУ. Бугарија останува движечка сила зад овие процеси и ги поддржува своите соседи на европскиот пат, но проценката мора да се базира врз сопствени заслуги“, истакна Радев, пренесе БГНЕС.
Тој ја оцени средбата како „одлична можност за продолжување на конструктивниот дијалог“ и потсети на „вековните историски и културни врски“ меѓу Бугарија и Унгарија. Радев нагласи дека партнерството меѓу двете земји е пример за позитивна соработка, особено во економијата и енергетиката.
„Унгарија е меѓу водечките инвеститори во нашата земја, трговијата постојано расте. Имаме заедничка позиција дека поврзаноста е клучна за економски развој,“ рече бугарскиот претседател.
Тој ѝ се заблагодари на Унгарија за поддршката на Бугарија во процесот за членство во Шенген и за зачувувањето на споменот на бугарските војници од Втората светска војна.
Радев ја спомена и бугарската заедница во Унгарија, нарекувајќи ја „важен мост меѓу двете држави“, и додаде дека неодамна бугарската градинарска традиција е впишана во регистарот на нематеријално културно наследство во Унгарија.
Во однос на меѓународните теми, Радев оцени дека ставот за мир преку дипломатија во Украина е рационален, во пресрет на најавената средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, во Будимпешта.