Во словенечкиот град Ново Место вечерва се случи вооружен инцидент во ромската населба во близина на градот, при што биле слушнати рафали од огнено оружје. Според првичните информации, засега нема повредени лица.
Пукањето се случило непосредно по завршувањето на вонредната седница на градскиот совет, на која присуствувале и претставници на словенечката влада. На седницата биле презентирани нови мерки за справување со криминалот, меѓу кои и т.н. „Шутарјев закон“, подготвен како реакција на минатонеделниот брутален напад во истиот град, пренесува Вечерњи лист.
Набргу по завршувањето на седницата, група демонстранти се собрале пред општинската зграда, а кратко потоа се слушнале истрели во населбите Жабјак и Шмихел. Полицијата испратила специјални единици на терен, а местото е целосно обезбедено додека трае истрагата.
Градоначалникот на Ново Место, Грегор Македони, изјави дека станува збор за рафален оган на отворен простор.
„Ова, за жал, не е изолиран инцидент. Имаме сериозен проблем со нелегално оружје и апелирам на властите да преземат итни мерки за негова конфискација. Премногу оружје се наоѓа во рацете на млади и нестабилни лица“, рече Македони.
Инцидентот следува по нападот што се случи за време на викендот, кога 48-годишен маж беше претепан пред локален бар додека се обидувал да го земе својот син. Полицијата соопшти дека уапсила 21-годишен осомничен за учество во тој напад.
Истрагата за вечерното пукање е во тек, а властите најавуваат засилено полициско присуство во ризичните делови на Ново Место.































