
Политичката криза во Бугарија доби ново продолжение откако коалицијата „Продолжуваме со промените“ – Демократска Бугарија (ПБ-ДБ) му го врати вториот мандат за формирање влада на претседателот Румен Радев.
Мандатот денеска формално им беше доделен на претставниците на ПБ-ДБ – Асен Василев, Надежда Јорданова и Јордан Иванов, но тие веднаш го вратија како неисполнет. Според Јорданова, причината е тоа што во актуелниот, 51. состав на Народното собрание не постои можност да се формира реформско мнозинство кое би можело да го промени, како што рече, „моделот на освоена држава“.
Таа посочи дека главен приоритет во моментов се фер и транспарентни избори, нагласувајќи дека граѓаните бараат итно гласање со целосна доверба во изборниот процес. Јорданова истакна дека ПБ-ДБ се залага за целосно машинско гласање и предупреди на обидите на заминувачкото мнозинство да воведе таканаречени „скенирачки уреди“, што, според неа, може да ја наруши волјата на избирачите. Таа ги повика граѓаните да излезат на протест на плоштадот „Независимост“.
Претседателот Румен Радев изјави дека со враќањето на мандатот, опциите за формирање влада во парламентот се сериозно ограничени. Тој нагласи дека клучното прашање не е кога ќе има избори, туку какви ќе бидат, повикувајќи ги партиите да ги почитуваат одлуките на Уставниот суд и да донесат законски измени кои ќе ја зголемат довербата во изборниот процес.



























