
Иранските власти испратија силна порака до Соединетите Американски Држави откако претседателот Доналд Трамп ја засили реториката и повторно се закани со можна воена интервенција. Министерот за одбрана на Иран, Азиз Насирзаде, изјави дека земјата е подготвена да се брани со сите расположливи средства и предупреди дека секоја агресија ќе има „болни последици“ за напаѓачите.
На безбедносен состанок, Насирзаде порача дека Иран веќе ја надминал штетата предизвикана од 12-дневната војна со Израел во јуни и дека воените капацитети се обновени и зајакнати. Тој додаде дека Техеран има „многу изненадувања“ за секој кој би се обидел да ја нападне земјата.
Министерот, исто така, предупреди дека земјите кои би обезбедиле поддршка или логистика за евентуален напад врз Иран ќе бидат сметани за легитимни цели.
Паралелно со ова, ирански извори за Ројтерс наведуваат дека Техеран ги информирал регионалните држави, меѓу кои Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Турција, дека американските воени бази на нивна територија би можеле да бидат нападнати доколку САД започнат воена акција против Иран.
Дипломатските контакти меѓу Вашингтон и Техеран се дополнително влошени. Според истите извори, комуникацијата меѓу иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и американскиот специјален претставник Стив Виткоф е прекината поради ескалацијата на тензиите.
Иранските власти тврдат дека состојбата во земјата е стабилизирана по неодамнешните немири и дека безбедноста е воспоставена, додека Техеран продолжува да предупредува дека секој надворешен напад ќе биде пресретнат со одлучен воен одговор.



























