
Од утре се очекуваат големи гужви на граничните премини кон Грција поради продолжениот викенд и зголемениот број граѓани кои планираат краток одмор на грчкото крајбрежје.
Традиционално, најголем метеж се очекува на граничните премини Евзони и Дојран, каде што во изминатите празнични викенди се чекаше со часови за влез во соседна Грција.
Продолжениот викенд е по повод празникот Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, кој се одбележува на 24 мај. Бидејќи годинава празникот се паѓа во недела, неработен ден ќе биде и понеделник, 25 мај.
На можните гужви предупреди и Фејсбук страницата „Пат до Грција“, од каде што информираат дека во наредните денови се очекува значително зголемена фреквенција на патници.
„Патниците кои планираат да заминат кон Грција преку Македонија треба да сметаат на поголеми гужви, особено на граничните премини Евзони и Дојран“, наведуваат од страницата.
Се очекува најголем интензитет на сообраќајот да има уште од раните утрински часови во петок и сабота, а на возачите им се препорачува навремено тргнување и дополнително трпение поради можните долги задржувања на границите.
















