
Токсичната инвазивна риба Lagocephalus sceleratus, позната како „риба зајак“, продолжува да се шири низ грчките морски подрачја, а експертите повторно упатуваат предупредувања до граѓаните и туристите.
Според грчките медиуми, овој вид првпат бил забележан во грчките води во 2005 година, а во изминатите години неговото присуство е регистрирано во голем број области – од островите до различни делови од крајбрежјето.
Оваа риба во Средоземното Море пристигнала преку Суецкиот Канал, мигрирајќи од Црвеното Море, а оттогаш нејзината популација значително се зголемила.

Морските биолози предупредуваат дека видот може сериозно да ја наруши природната рамнотежа бидејќи се храни со локални морски организми и нема доволно природни непријатели кои би ја ограничиле нејзината бројност.
Поради брзото ширење, грчките власти разгледуваат мерки за контрола на популацијата, меѓу кои и финансиска поддршка за професионалните рибари кои ќе ја ловат оваа инвазивна риба.
Од грчкиот Црвен крст потсетуваат дека „рибата зајак“ не е отровна при допир, но нејзините исклучително силни вилици можат да предизвикаат сериозни повреди и силно крвавење.
Граѓаните и туристите се советуваат да не ја допираат доколку ја забележат во морето или при улов.

















