Според истражување на Лабораторијата за демографски и општествени анализи при Универзитетот во Тесалија, популацијата во Грција се намалила за околу 500 илјади лица во периодот 2011–2024 година. Истражувањето „Демографско прашање и ниска стапка на раѓање во денешна Грција“ покажува дека во 2023 година бројот на новородени бил 72,3 илјади, што е речиси половина од просекот во 1951–1970 година.
Авторката на студијата, доц. Ифигенија Кокали, истакнува дека населението старее – околу 23% се над 65 години, а бројот на постари лица значително ги надминува младите на возраст 0–14 години. Стапката на фертилитет е меѓу 1,3 и 1,4 деца по жена, под границата на репродукција (2,07), а расте и процентот на лица без деца, приближно едно од пет лица родени околу 1980 година.
Причините за демографскиот пад не се само во нискиот наталитет, туку и во социјалните предизвици – младите се отселуваат, а условите за живот, работа, домување, здравство и образование се незадоволителни.
Кокали нагласува дека повремените финансиски поттикнувања за раѓање не се доволни без системска поддршка од државата до полнолетството на децата. Дискусијата, според неа, треба да се насочи кон подобрување на животните услови и стабилноста за младите.