Политичката канцеларија на заменик-министерот за надворешни работи на Грција и пратеник од Нова демократија, Харис Теохарис, беше цел на напад во јужниот дел на Атина.
Според информациите објавени од самиот Теохарис, непознати сторители поставиле импровизиран експлозивен уред пред влезната врата, предизвикувајќи мал пожар. За среќа, никој не бил повреден во инцидентот.
„Ова е чин на кукавичлук, слепо насилство и директна навреда на демократијата. Нападот не е насочен само против поединци, туку против институциите и самиот политички живот“, напиша Теохарис на социјалните мрежи, додавајќи дека има целосна доверба во надлежните органи кои го истражуваат случајот.
Нападот беше остро осуден и од владејачката партија Нова демократија, како и од опозициската СИРИЗА.































