По серијата брутални убиства поврзани со мафијашки кланови, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, најави свикување на итна седница на Советот за одбрана и безбедност. Последното убиство во Подгорица, во кое беше ликвидиран Иван Милачиќ – член на познатиот Шкаљарски клан, предизвика лавина реакции и дополнително ја зголеми загриженоста за безбедноста во државата.
Претседателот Милатовиќ истакна дека седницата ќе се одржи во најкус можен рок и дека, покрај членовите на Советот – претседателот на Собранието и премиерот, ќе бидат поканети и претставници на Владата, безбедносните служби, Управата на полицијата и Агенцијата за национална безбедност.
„Ќе побарам детален увид во моменталната безбедносна состојба, како и јасни, решителни и веднаш применливи мерки за заштита на јавниот ред и мир“, изјави Милатовиќ.
Тој посочи дека е клучно граѓаните да добијат јасен сигнал дека државата делува одлучно и организирано:
„Мораме да покажеме дека државата стои цврсто зад своите граѓани, без двоумење. Очекувам присуство на сите поканети учесници на седницата поради сериозноста на ситуацијата.“
Убиството на Милачиќ е трето по ред за само неколку дена: претходно беше убиен Игор Недовиќ, а минатата недела и Филип Кнежевиќ во Барселона – сите со поврзаност до озлогласените Шкаљарски и Кавачки кланови.
Црна Гора е повторно во фокусот на јавноста поради долготрајната и насилна војна меѓу мафијашките групи, а властите се под силен притисок да преземат конкретни чекори за да се спречи натамошна ескалација.