Во само една недела, три лица беа убиени во пресметки што, според безбедносни извори, се последица на обновеното насилство помеѓу двата озлогласени криминални клана од Котор – Шкалјарскиот и Кавчкиот. Последните ликвидации се случија во Црна Гора и Шпанија, а сите жртви се поврзуваат со споменатите групи.
На 16 јули во Подгорица беше убиен Игор Недовиќ, за кого се верува дека во минатото му припаѓал на Шкалјарскиот клан, но подоцна се приклучил кон Кавчаните. Само три дена подоцна, во саботата на 19 јули, во локал во центарот на Подгорица беше ликвидиран Иван Милачиќ, кој, според локалните медиуми, бил близок до Шкалјарците. Во нападот е ранет и едно друго лице.
Паралелно, во Барселона беше убиен Филип Кнежевиќ од Цетиње, исто така поврзан со Кавчаните. Напаѓачот го пресретнал пред влезот на станбена зграда и испукал повеќе куршуми, по што избегал. Шпанските власти сè уште не доставиле официјално известување за настанот, но црногорската полиција сомничи дека се работи за продолжение на меѓуклановски одмазди.
– Иницијалната каписла за последните убиства дојде од Шпанија. Според нашите сознанија, ова е одмазда за стари крвни долгови – изјави директорот на црногорската полиција Лазар Шќепановиќ на прес-конференција.
Кнежевиќ се поврзува со ликвидацијата на шкалјарските водачи Алан Кожар и Дамир Хаџиќ во Грција во 2020 година, што дополнително го зацврстува сомнежот дека се работи за брутална одмазда.
Судирот меѓу Шкалјарци и Кавчани трае од 2014 година, кога исчезна пратка од 200 килограми кокаин во Валенсија. Од тогаш, борбата за доминација во балканскиот подземен свет не престанува, и досега се евидентирани над 70 ликвидации поврзани со двата табора.
Црногорската полиција денес предупредува дека во земјата активно дејствуваат 11 организирани криминални групи, од кои двете најголеми – поврзани со Шкалјарскиот и Кавчкиот клан – имаат над 300 членови. Безбедносните власти најавуваат засилен одговор на новиот бран насилство.